Зајакнувањето на жените во дијалог – ZemaF на „Open Monday“ во Берлин

Во рамките на настанот „Open Monday“ во Јапонско-германскиот центар во Берлин се одржа панел-дискусија на тема зајакнување на жените, на која беше поканета и претседателката на ZemaF e.V., д-р Марија Тренева. Настанот претставуваше значајна платформа за размена на ставови и искуства меѓу истакнати жени од областа на дипломатијата, политиката, економијата, науката и културата. Вечерта започна со поздравно обраќање на генералната секретарка Јулија Минх, а главните воведни обраќања ги одржаа Дороте Бер, сојузна министерка за истражување, технологија и вселена, и Н.Е. Мицуко Шино, амбасадорка на Јапонија во Германија. Во панел-дискусијата учествуваа и истакнати жени на раководни позиции:

– Ирена Бадер, членка на Управниот одбор на DMG MORI – глобален лидер во индустриската технологија
– Јоко Хигучи-Цицман, виша советничка во Westbrook Inc. – меѓународна инвестициска и медиумска компанија
– проф. д-р Мичико Мае, професорка емерита на Универзитетот „Хајнрих Хајне“ во Дизелдорф
– Ане Помзел, извршна директорка на Германско-јапонскиот економски круг

Во фокусот на дискусијата беше заедничкото сознание дека сложените општествени предизвици со кои се соочуваат Германија и Јапонија можат да се надминат само преку обединување на различни перспективи, знаења и искуства, како и преку активна соработка меѓу различни сектори и култури. За ZemaF, ваквите настани претставуваат значајна можност за меѓународно вмрежување, размена на идеи и активно учество во иницијативи што ја зајакнуваат улогата на жените во општеството. Во рамките на неформалната средба беше обезбеден и дополнителен простор за билатерална размена и продлабочување на контактите. Изразуваме искрена благодарност до нашиот амбасадор, Н.Е. Илбер Села, за континуираната поддршка, до Јапонско-германскиот центар во Берлин, како и до амбасадорката на Јапонија, Н.Е. Мицуко Шино, за поканата и укажаната доверба.

#ZemaF #OpenMonday #FemaleEmpowerment #WomenInLeadership #Networking #Berlin #JapanGermany #Diplomacy #WomenSupportingWomen