Виното како амбасадор – Македонската традиција ги поврзува културите

Панел-дискусија „Виното како амбасадор: Визија за зближување преку вкусот и традицијата“

На 02.03.2026 година, Центарот на македонските жени ZemaF e.V., заедно со Македонската амбасада во Берлин, организираше панел-дискусија под наслов „Виното како амбасадор: Визија за зближување преку вкусот и традицијата“. Настанот се одржа во пресрет на ITB Berlin, најголемиот светски саем за туризам, а посебно внимание беше посветено на улогата на македонската жена како движечка сила во претприемништвото, културната дипломатија и економската промоција на земјата. Гостин-говорничка на вечерта беше Зорица Зориќ, основачка на vinostory.de, која ја сподели својата лична и професионална приказна – од иселувањето во Германија и учењето на јазикот од самиот почеток, до создавањето успешна компанија која ги пласира македонските вина на германскиот пазар. Нејзиниот пример беше истакнат како доказ дека една македонска жена може храбро да започне одново и во нова средина да изгради препознатлив бренд, користејќи го виното како средство за културно поврзување меѓу двете земји. Панел-дискусијата ја модерираше заменик-претседателката на ZemaF e.V., д-р Ирена Бојаровска. Таа ја отвори дискусијата за предизвиците со кои се соочуваат жените претприемачи во процесот на интеграција – од јазичните бариери до административните постапки – и воедно го нагласи значењето на заедницата и меѓусебната поддршка како клучен фактор за успех. Меѓу почесните гости беа амбасадорот Илбер Села, државната секретарка во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија Елена Кузмановска Биондиќ, како и Софија Миладиновска, раководителка на Секторот за промоција при Министерството за култура и туризам. Меѓу гостите беа и потпретседателите на Македонско-германскиот стопански клуб, Драган Илиески и Зибер Сељами, претставници на македонската заедница во Германија, поддржувачи на ZemaF, како и локални партнери од деловниот сектор кои активно ја поддржуваат промоцијата на македонските производи и култура. Посебно внимание беше посветено на потенцијалот на карактеристичните македонски сорти грозје, особено на Вранец, како автентичен и препознатлив бренд на македонското винарство во Германија. Се дискутираше за улогата на дијаспората како „амбасадор на вкусот“, за поврзувањето на туризмот и гастрономијата, како и за можностите за стратешко позиционирање на македонските вина на европско ниво. Претседателката на ZemaF e.V., д-р Марија Тренева, ѝ врачи благодарница на Зорица Зориќ за нејзиниот исклучителен придонес во промоцијата на македонските вина и во зајакнувањето на улогата на македонската жена во Германија. Во своето завршно обраќање, таа изрази искрена благодарност до сите учесници, институции и партнери за нивната поддршка, а особено до секретарката на ZemaF e.V., д-р Симона Димчевска Саздовска, за организацијата на настанот. Таа нагласи дека ваквите настани градат мост меѓу татковината и дијаспората и создаваат простор за нови можности, соработки и заеднички успеси. Заклучокот од настанот беше дека виното не е само производ – тоа е приказна, традиција и силен симбол на идентитетот. Преку заедничката соработка на бизнис-секторот, институциите и заедницата, македонското вино може уште посилно да се позиционира на европската сцена.