Инспиративна средба со архитектката Елена Цонева во Амбасадата на Република Северна Македонија во Берлин
На 6 јуни 2026 година, во просториите на Амбасадата на Република Северна Македонија во Берлин, ја имавме честа да организираме средба со архитектката Елена Цонева – жена чие творештво остава длабоки и препознатливи траги во архитектурата, урбанизмот и културниот живот на македонската заедница. Нејзиниот пат започнал во Торино, град на уметноста, архитектурата и визијата, каде што Елена ги поставила темелите на своето знаење и го развила јазикот преку кој денес зборува со просторот и формата. Од сончевите улици на Торино до динамичниот Берлин, овој пат не бил само географски, туку и пат на созревање, истрајност и посветеност кон нејзината професија. Преку својата презентација, Елена нè поведе низ широк спектар реализирани проекти: плоштади, детски игралишта, приватни вили, домови за стари лица и сакрални објекти. Посебно место во нејзиното творештво зазема проектот за Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ во Берлин, дело од исклучително значење за нашата заедница. Тоа е место на духовно заедништво, припадност и зачувување на македонскиот идентитет далеку од татковината. Посебна благодарност упатуваме до Амбасадата на Република Северна Македонија во Берлин и до амбасадорот проф. д-р Илбер Села за укажаната доверба, континуираната поддршка и одличната соработка при реализацијата на овој настан. Настанот го модерираше д-р Симона Димчевска Саздовска, секретарка на ZemaF, која ја претстави мисијата на здружението за поддршка и афирмација на македонските жени во Германија. Како знак на признание за нејзиниот придонес, потпретседателката д-р Ирена Бојаровска, во име на Центарот на македонските жени, ѝ врачи благодарница на архитектката Елена Цонева – жена која не гради само простори, туку и мостови: меѓу традицијата и современоста, меѓу татковината и дијаспората. Токму тоа ја прави нејзината архитектура живо дело. Ние во ZemaF веруваме во истото – дека најсилните градби се создаваат од луѓе. Затоа продолжуваме да создаваме простори во кои македонските жени се среќаваат, се препознаваат и меѓусебно се инспирираат.